Почитувани патници,
Имајќи ја предвид моменталната состојба на прогласена пандемија на светско ниво, а поради прогресивното ширење на коронавирусот (COVID - 19), со овој допис од името на туристичката агенција, би сакале да Ве информираме дека сите туристички аранжмани за престојните пролетни патувања, како и сите летни аранжмани за целата сезона – лето 2020 година, за сите дестинации надвор од РСМ, заклучно до 30 септември 2020 година, СЕ ЦЕЛОСНО ОТКАЖАНИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА од страна на туристичките агенции.
Информациите дадени во ова соопштение се однесуваат и на сите останати патници, кои имаа уплатени туристички аранжмани за осмомартовските патувања кои беа предвидени за реализација пред прогласување на вонредната состојба, како и за сите веќе откажани патувања во време на траење на вонредната состојба (од 16 март 2020 година).
Владата на Р.С.Македонија на ден 24.03.2020 година донесе Уредба со законска сила за примена на законот за туристичката дејност за време на траење на вонредната состојба (Службен весник на РСМ, бр. 80 од 27.03.2020 година). Уредбата упатува на издавање на ваучери од страна на туристичките агенции за патниците, во случај на откажување на аранжманите од страна на туристичките агенции.
За таа цел, врз основа на примена на одредбите од Уредбата и врз основа на мислењето дадено од страна на Министерството за економија – сектор за туризам и угостителство, во продолжение Ви ги презентираме условите и начинот за подигнување и користење на ваучерите.
- Сите туристички агенции кои ги имаат откажано своите аранжмани за време на траење на вонредната состојба се должни да издадат VOUCHER во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Корона вирусот.
- Ваучерите ќе се издаваат во три примероци, со рок на важење најдоцна до 31.12.2021 година. (еден примерок од Ваучерот ќе се достави и до Министерството за економија заради евиденција)
- Начинот на издавање на ваучерите ќе се реализира во согласност со двете страни, односно туристичката агенција (носител на аранжманот) и корисникот на ваучерот (патникот) ќе се договорат за: дестинацијата, терминот на поаѓање, времетраење на аранжманот.
- Издадениот ваучер, патникот ќе има можност да го искористи за аражмани достапни во понудата на туристичката агенција (носител на аранжманот)
- Вредноста на ваучерот ќе биде во ист износ колку што бил уплатен износот за аранжманот кој е откажан поради вонредната состојба.
- Ваучерите кои ќе бидат издадени од страна на туристичките агенции, патниците ќе можат да ги подигнат лично во туристичките агенции каде имале извршено уплата/резервација на аранжманот или по барање на патникот истиот ваучер може да им биде испратен по електронски пат односно по е-маил.
- Ваучерите кои ќе бидат издадени и гласат на име на патникот кој извршил уплата/резервација, можат да бидат преносливи, односно ваучерот може да се искористи и од страна на друг патник по договор меѓу патникот и туристичката агенција.
Здравјето е заедничка одговорност, па затоа да ги следиме препораките на Светската здравствена организација и Владата на нашата држава.
ТА Дипломатик травел сервис
Скопје, 15.04.2020 година